ВИНАРИЈА „ГД ТИКВЕШ“ НАЈУСПЈЕШНИЈИ ИЗЛАГАЧ ВИНА НА „ИНТЕРАГРО 2022“ :: Semberija INFO ::

 

ВИНАРИЈА „ГД ТИКВЕШ“ НАЈУСПЈЕШНИЈИ ИЗЛАГАЧ ВИНА НА „ИНТЕРАГРО 2022“


Винаријата „ГД Тиквеш“ е добитник на Плакета за најуспешен излагач во областа на производство на вино на меѓународниот саем „ИНТЕРАГРО 2022“, кој се одржа во Бијелине, Република Српска, БиХ од 20-22 септември 2022 година. Сојузот на стопански комори на Македонија за посветената ангажираност во организацијата на настанот доби Благодарница како партнер организатор на манифестацијата.

Повеќе од 60 години „ГД Тиквеш“ ужива репутација како една од најзначајните компании за модерно лозарство во Македонија. Денес, компанијата е предводена од новата генерација со јасна и прогресивна визија за успех. Совршеноста на „ГД Тиквеш“ може да се следи преку креирањето на прекрасната винарија за производство на вино, основана во 2013 година. Виното „Фиано Вирго“ за кое ја добива плакетата е високо квалитетно вино со контролирано потекло, хармонично добро избалансирано, со препознатлива арома на мед и лешник направено од старата италијанска сорта на грозја Fiano.

XX Меѓународен саем за земјоделство, храна, лов, риболов и екологија „ИНТЕРАГРО 2022“, на кој имаше 13 македонски компании, помина во одлична атмосфера, со многубројни настани, средби, остварени деловни контакти и со оптимизам за нови идни соработки. Сите учесници беа задоволни од организациската подготвеност на саемот, која ги задоволи највисоките стандарди за вакви манифестации. Македонскиот штанд кој беше организиран со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, прими голем број на посетители, високи државни претставници од нашата земја, Србија и БиХ, претставници на бизнис заедниците од трите држави кои други посетители, кои беа воодушевеност од вкусовите на македонските производи, а особено од вината кои беа изложени и можеше да се дегустираат.

„Многу сме горди што Комисијата која го оценуваше квалитетот на вината највисоко го рангираше виното на винаријата „ГД Тиквеш“. Со сигурност може да кажеме дека висококвалитетните вина од нашата земја имаат одлична перспектива на пазарот во БиХ и очекуваме во наредниот период значително да се зголемат количините кои се извезуваат. Кога ги резимираме трите саемски денови може да кажеме дека присуството на саемската манифестација ги надмина нашите амбициозни очекувања. Сметаме дека на овој начин може да се надомести тоа што овој пазар бил неоправдано запоставен во изминатиот период“, истакнува Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Покрај прехранбените производи и вина дел од компаниите ги презентираат своите производи кои се во делот на крмни смески и компоненти за добиточна храна, како и системите за наводнување капка по капка, минерални ѓубрива, средства за заштита, семенски материјал, пластеници и оранжерии направени со врвен квалитет и по највисоки стандарди.

„ИНТЕРАГРО 2022“ е една од најголемите и најпрестижни манифестации од овој вид во нашиот регион, на која годинава имаше голем број на излагачи од 10 земји, како и значајна бројка на посетителите.